Во лагуните подземни, низ сиоот живот, ме разјадуваа плинови и темница. Ме давеа тешки, безизлезни дни во јаремот на наемното ропство. Свежо пуполче на баскиските гори — станав жолт, визбински цвет и во прозорците мемливо, влажни и мрачни изгнија моите гради. И шикна крвта со сагеста плунка и лигаво течеше од устата. Крвта топла, румена — бакцили на ТБЦ — гноесто расточената крв румено бледа, со изгниени парчиња од дробовите ги натопи мокрите коридори на лагуните и црвено ги обои стапките. Топеше црно, крваво злато! Црно крваво злато од гноесто расточената крв и пот! Црно крваво злато на моите бели господари рицари од Ла Манча и прекрасната земја Шпанија! А длабоко, длабоко во мене се слеваше тешката легура на омразата пенесто вриеше и во крвава пареа го затреперуваше сонот — денешната јава — дамнешниот татнеж на подземните, задушливите лагуни... Во сочното утро на баскиските гори се точи модри- ната на небото. Но пламнеат горите, крвавите гори — крваво утро се роди. Крвава шепа го крвари небото, ги крвари врвовите на горите и гори топлата човечка крв во чадот од барут и плин. И трепери влажната, крвава земја во страста на канонадата. Истрели. Пукот, Шрапнели. Гранати. Шрапнели Штракаат митралези. Цивкави пушки. — Бој. Решителен бој! Таму — Фашизмот. Тука — Слободата. Слободата! Но глеј! — јас паднав! Омразениот куршум на платениот убиец ги проби ранливите гради. Тече топол млаз од устата и се чади темјанот на крвта во локвите Гноесто расточена, таа сега ја натопува влажната, разровена земја и чудо! — мене мие толку прекрасно, и блажен сум многу, многу... Та навистина — јас паднав! Ќе умрам овде во локвите на својата румено бледа крв. Но чудно! — во претсмртниот час ке излудеам од некаква срека. Паднав — но не затрупан од карпите и задужен од метанот! Паднав — но не од глад, лазејќи немошно како црв! Паднав — но од сонот го штрекнав целиот свет — милиони сега со трепет го наслушнуваат чукањето на моето срце на умирање милиони сега трепетно го запираат здивот и ја краваат тупаницата — Слобода! На Фашизмот смрт! Слобода! Паднав — но паднав за слободата!
(1938)